Тркалезна маса за верификација на наодите за третманот на текстилниот отпад

На 6 октомври 2026 година, во канцеларијата на Swisscontact/SIPPO во Скопје, се одржа тркалезна маса за верификација на наодите од анализата на индустрискиот текстилен отпад во Република Северна Македонија. Анализата беше спроведена во соработка со Текстилниот кластер, со поддршка на SIPPO.

За време на средбата беа презентирани клучните наоди од анализата, кои опфаќаат процени на количините генериран индустриски текстилен отпад, споредба на трошоците за согорување и рециклирање, како и царинските процедури поврзани со третманот на отпадот.

Преку дискусија и размена на искуства со претставниците на текстилните компании, беа разгледани актуелните предизвици во управувањето со текстилниот отпад, како и можностите за воведување поефикасни и поодржливи практики.

Целта на тркалезната маса беше да се провери точноста и релевантноста на наодите преку вклучување на индустријата и да се утврдат можните следни чекори за подобрување на управувањето со индустрискиот текстилен отпад во земјата.

Ваквите консултации претставуваат важен чекор кон подобро разбирање на потребите на текстилниот сектор и идентификување решенија што ќе придонесат за поодржливо управување со ресурсите, поголемо искористување на можностите за рециклирање и премин кон циркуларна економија. Текстилниот кластер продолжува да ја поддржува соработката меѓу индустријата и релевантните партнери со цел унапредување на одржливите практики во македонскиот текстилен сектор.