Дисеминација на проектот MISSION4WATER на Fashion Weekend Skopje 32 и поттикнување соработка за одржлив текстилен сектор

На 28 март 2026 година, во Diamond Area Space, Текстилното трговско здружение – Текстилен кластер учествуваше на јавниот разговор „MISSION4WATER: Collaboration for Sustainable Textile Production“, во рамки на Fashion Weekend Skopje 32.
Во фокусот на презентацијата беа предизвиците поврзани со влијанието на текстилниот сектор врз водните ресурси, со посебен акцент на микропластиката како еден од помалку видливите, но сè поактуелни проблеми. Беше истакнато дека овој проблем не се однесува само на производството, туку и на фазата на користење и одржување на облеката, што ја нагласува и улогата на потрошувачите како важен дел од поширокиот систем.

Во тој контекст беше претставен проектот Mission4Water, кој има за цел да придонесе кон намалување на загадувањето на водите преку зелени иновации, чисти технологии и соработка помеѓу различни актери – компании, истражувачи, институции и граѓански организации.
Преку конкретни примери од досегашните активности, беа споделени искуства од јавни настани, matchmaking активности, таргетирани средби со компании и едукативни работилници, кои покажуваат дека постои реален интерес за одржливи решенија, но и потреба од појасни механизми за поврзување и развој на иницијативи.
Воедно, беше претставен и отворениот повик за иновативни проекти, како можност за компании, истражувачи и организации да се вклучат во процесот и да придонесат со свои идеи и решенија. Беше нагласено дека станува збор за континуиран процес, во кој и во следниот период ќе има нови можности за вклучување.

Продолжуваме да работиме на поттикнување соработка и развој на решенија за поодржлив и поодговорен текстилен сектор.
