Работилница: „New Heritage: Circular Fashion Solutions to Reduce Microplastic Pollution“ во рамки на проектот MISSION4WATER – 11.06.2026

Настанот ги обедини студентите, наставниот кадар, експертите и партнерските организации од регионот со цел подигање на свеста за влијанието на текстилната индустрија врз животната средина, особено во однос на загадувањето на водите предизвикано од микропластика, како и за можностите за примена на иновативни и одржливи решенија.
Работилницата беше отворена од доц. д-р Олга Поповска, декан на Факултетот за технолошки науки при Универзитетот „Мајка Тереза“, и Наташа Сивевска, извршен директор на Текстилен кластер, која ги претстави целите и активностите на проектот MISSION4WATER и ја истакна важноста на соработката помеѓу индустријата, академската заедница и младите во создавањето поодржлива иднина.
Во рамки на програмата, доц. м-р Невенка Тодоровска од Универзитетот „Мајка Тереза“ ја презентираше темата „Етички и еколошки димензии на современата мода“, посветена на влијанието на современата модна индустрија врз природните ресурси, општеството и животната средина. Во презентацијата беа обработени предизвиците поврзани со брзата мода, прекумерната потрошувачка и текстилниот отпад, како и можностите што ги нудат одржливата и бавната мода, принципите на циркуларната економија и одговорното производство.
Доц. д-р Олга Поповска ја презентираше темата „Микропластика од синтетички текстили и нејзиното влијание врз отпадните води и човековото здравје“, при што беше објаснето дека синтетичките материјали како полиестер, најлон, акрил и еластан ослободуваат микропластични влакна во текот на производството, користењето и перењето на облеката. Преку отпадните води, овие честички завршуваат во реките, езерата и морските екосистеми, придонесувајќи за загадување на животната средина.
Доц. д-р Марјана Костојчиноска Узунчева ја претстави темата „Рециклирање на текстилен отпад и создавање уметничко дело“, демонстрирајќи како текстилниот отпад може да се трансформира во нова вредност преку креативноста и дизајнот. Студентите беа запознаени со различни видови текстури и можностите за повторна употреба на текстилните материјали, при што отпадот беше претставен како ресурс за создавање нови естетски и функционални решенија. Намалувањето на текстилниот отпад и употребата на природни материјали се директно поврзани со намалувањето на испуштањето микропластика во водите.

Настанот беше збогатен и со презентации на меѓународните партнери на проектот. Асистент проф. Томислав Чапудер од Универзитетот во Загреб ја презентираше примената на вештачката интелигенција и дизајн-размислувањето во развојот на одржливи решенија. Доц. д-р Татјана Спахиу Косова од Политехничкиот универзитет во Тирана ги претстави најновите трендови, материјали и иновации во областа на одржливите текстили. Звјездана Гвозденовиќ од Zero Waste Montenegro зборуваше за ризиците што микропластиката ги носи за човековото здравје и можните решенија за нивно намалување, додека проф. Дени Вале од Истарскиот универзитет за применети науки во Пула го презентираше автономното пловило „Jadranko 2.0“, наменето за собирање примероци и мониторинг на микропластика во водните екосистеми.

Во попладневниот дел беше реализирана интерактивната работилница „New Heritage“, предводена од доц. м-р Невенка Тодоровска, која на креативен начин ги поврза одржливата мода, личното наследство и современиот дизајн. Главната тема на работилницата беше „Ново наследство“, а студентите имаа задача да донесат вратоврска што претставува дел од нивното семејно наследство. Секоја вратоврска носеше сопствена приказна, а студентите ги истражуваа материјалите од кои е изработена, нејзиниот бренд, дизајнот и периодот од кој потекнува.
Во креативниот дел од работилницата, студентите изработија по три модни скици инспирирани од нивното лично наследство, намалувањето на отпадот и современата мода. Потоа, секој студент избра по една скица и ја претвори во нов одржлив дизајн преку процес на кроење и шиење, создавајќи современи модни парчиња изработени од текстилен отпад и природни материјали, со што се придонесува кон намалување на ослободувањето микропластика. Со оваа активност, проектот MISSION4WATER уште еднаш ја потврди важноста на поврзувањето на образованието, науката и индустријата во развојот на иновативни решенија за намалување на загадувањето, заштита на водните ресурси и промовирање одржливи практики во текстилниот сектор.

