Учество на Текстилниот кластер на вебинарот „Textiles in the Age of AI: Smart Manufacturing and Digital Innovation“

Текстилниот кластер учествуваше на меѓународниот вебинар „Textiles in the Age of AI: Smart Manufacturing and Digital Innovation“, кој ги обедини водечките експерти, компании и иновациски чинители од Европа со цел да се дискутира за улогата на вештачката интелигенција, паметното производство и дигиталната трансформација во текстилниот сектор.

Вебинарот беше организиран во рамки на Enterprise Europe Network (EEN), во соработка со партнери од Италија, Германија и Северна Македонија, вклучувајќи ја и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување (МИР), при што беше истакната важноста на прекуграничната соработка помеѓу регионите Северна Рајна-Вестфалија, Пиемонт и Северна Македонија.

Во рамки на програмата, претставници од Македонија активно учествуваа на стратешко и техничко ниво, споделувајќи знаења, искуства и практични примери поврзани со примената на дигитални технологии и одржливи решенија во текстилниот сектор.

Текстилниот кластер учествуваше со презентација на тема „A Transnational Digital Framework for Sustainable and Data-Driven Textile Innovation“, базирана на проектот VERDEinMED. Преку презентацијата беше претставен VERDE Bussola – практичен и пренослив модел за поддршка на иновациската подготвеност, кој има за цел да им помогне на текстилните компании и региони полесно да пристапат кон дигитална трансформација и одржлив развој.

Во текот на вебинарот беа разгледани повеќе актуелни теми, вклучувајќи:

  • најнови трендови во примената на вештачка интелигенција во текстилното производство

  • примери од пракса и иновативни решенија во индустријата

  • дигитални алатки за одржливост и циркуларност

  • можности за европска соработка и финансирање


Настанот претставуваше значајна платформа за размена на знаења, вмрежување и иницирање на идни партнерства, при што беше истакната и зголемената улога на македонските компании и институции во европските процеси на иновации и дигитална трансформација.

Учеството на Текстилниот кластер на вакви настани придонесува кон унапредување на конкурентноста на текстилниот сектор и поттикнување на соработка, иновации и усвојување на нови технологии.