MISSION4WATER Работилница- Oдржливи дизајнерски практики во модата за заштита на водните ресурси

Текстилната трговска асоцијација – Текстилен кластер, во соработка со Меѓународниот Балкански Универзитет, организираше работилница во рамки на проектот Mission4Water насловена „Sustainable Design Practices in Fashion for Water Protection“, која се одржа на 24 февруари 2026 година во просториите на Факултетот за уметност и дизајн при Меѓународниот Балкански Универзитет. Целта на работилницата беше подигање на свеста и промоција на одржливи дизајнерски пристапи насочени кон заштита на водата и намалување на загадувањето во текстилниот сектор.
Настанот го отвори проф. д-р Александра Ристовска, декан на Факултетот за уметност и дизајн при МБУ, која накратко ги претстави активностите и соработките на факултетот и го истакна значењето на соработката со Текстилниот кластер.

Наташа Сивевска, директорка на ТТА–ТК, ги претстави активностите на кластерот, состојбата во текстилната индустрија во Северна Македонија и значењето на циркуларната економија. Таа зборуваше за еколошките предизвици поврзани со текстилното производство, особено за проблемот со микропластиката, и го претстави проектот Mission4Water и неговата мисија. Во рамки на презентацијата беше спомнат и отворениот повик за иновативни проекти и решенија насочени кон намалување на загадувањето на водите.

Сабина Хаџиахметовиќ од Хидроинженерскиот институт Сараево (HEIS) одржа презентација за влијанието на текстилната индустрија врз водните ресурси. Таа објасни како различните фази од производството, особено мократа обработка, создаваат загадена отпадна вода што содржи бои, хемикалии и синтетички честички, како и како микровлакната и микропластиката се задржуваат или преминуваат низ пречистителните системи и завршуваат во природата.

Проф. Маја Ѓуреска зборуваше за иновациите во текстилот и одговорното користење на водата во модниот дизајн. Таа ја истакна важноста на намалување на прекумерната потрошувачка, познавањето на производствените процеси и одговорноста на дизајнерите во секоја фаза од животниот циклус на производот.

Асистент-проф. Емилија Славкова ја претстави улогата на 3D технологијата во одржливиот дизајн и оптимизацијата на производството, нагласувајќи како дигиталните алатки овозможуваат намалување на бројот на физички примероци, отпадот и потрошувачката на ресурси, со што индиректно се намалува и потенцијалното ослободување на микропластика.

Работилницата заврши со интерактивна креативна сесија водена од асистент-проф. Медина Хоџа, насловена „Second Life Textiles: Transforming Garments into Art“, во која студентите работеа со техники на колаж и материјали од претходни модни ревии, применувајќи принципи на повторна употреба и апсајклинг.

Подетален опис на креативната работилница, како и резултатите и изработките на студентите, е достапен тука.
Во целина, настанот успешно ги поврза научните сознанија, дизајнерската практика и иновациите, придонесувајќи кон подигање на свеста за одржливоста и заштитата на водните ресурси во текстилниот сектор.
