Текстилно Трговско Здружение-Текстилен кластер во периодот 18-19 септември 2024 година зема учество со инфо штанд на Circular Textile Days во Холандија

Текстилно Трговско Здружение-Текстилен кластер во периодот 18-19 септември 2024 година зема учество со инфо штанд на Circular Textile Days во Холандија. Седум текстилни компании членки на Текстилниот кластер имаа можност да бидат дел од националното изложување и да учествуваат во бројни состаноци, Б2Б средби, презентации, сесии и конференции.


Учеството на настанот беше организирано во соработка со Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и Швајцарската програма за поддршка на извозот – SIPPO, наши долгогодишни партнери во развојот на нашите услуги за промоција на извозот.


Circular Textile Days е деловен настан кој понуди одлична можност за запознавање нови партнери во одржливиот текстилен бизнис и за откривање и дискусија за иновативни одржливи текстилни решенија во рамките на циркуларната економија и управувањето со текстилниот отпад.


Компаниите имаа можност да стапат во контакт со брендовите кои изложуваа на саемот и да добијат повеќе информации за нивниот циркуларен бизнис модел, како и да се поврзат со други професионалци и потенцијални клиенти во индустријата. Настанот, исто така, понуди можност посетителите да ги покажат и нивните иницијативи во областа на циркуларната економија, а воедно и да стапат во контакт со потенцијални инвеститори за финансирање на одржливи компании.


Во текот на дводневното учество, компаниите имаа можност да учествуваат на различни панели, како што се: „Embracing Circular Business Models in Textiles“, „Digital Product Passport“, и „From Trash to Treasure“. Наташа Сивевска, извршниот директор на Текстилниот кластер одржа и презентација на тема: „Circular Synergy: How European Brands and Macedonian Manufacturers are Leading the Textile Revolution“.


Од страна на SIPPO, за време на организацијата и учеството на саемот, беше ангажиран странски експерт од областа, кој беше посветен на обука, поддршка и едукација на компаниите – учесници на саемот.


Исто така беше организирана посета на фабрика за рециклирање: Sympany Techniekweg – компанија која собира текстилен отпад и го селектира за различни решенија за справување со отпад, како и посета на компанијата за рециклирање I-DID – компанија која го прави целиот процес од стари алишта до нови ролни текстил.