Работилница: „Одговорно договарање – Градење посилни партнерства во ланецот на добавувачи “

На 7 октомври 2025 година, во хотелот Holiday Inn во Скопје, се одржа работилницата „Одговорно договарање – Градење посилни партнерства во ланецот на добавувачи“, организирана од Fair Wear во соработка со Текстилната Трговска Асоцијација – Текстилен кластер.

Настанот беше наменет за претставници на бизнис организации и менаџерски тимови од македонски компании во текстилната, кожарската и чевларската индустрија, особено оние, кои активно преговараат за партнерства со своите клиенти – членки на Fair Wear, како и други меѓународни брендови.

Целта на работилницата беше да се запознаат македонските фабрики со концептот на Одговорно договарање и Рамката за должна одговорност кон човековите права (HRDD), во контекст на новата директива на Европска Унија – CSDDD. Оваа директива предвидува обврски за брендови/купувачи од ЕУ (компании, кои ангажираат добавувачи) да спроведуваат проверка на човековите права и животната средина, што се рефлектира во нивните договори со добавувачите. На работилницата се објасни зошто договорите се клучни за заштита на човековите права и животната средина, и како компаниите можат да преминат од традиционални кон одговорни договорни клаузули за да обезбедат правична одговорност во преговорите. Учесниците беа запознаени и со новите модел-клаузули развиени во рамки на проектот Responsible Business Project (RBP) во соработка со GIZ, кои им овозможуваат на добавувачите да воспостават поодговорни и одржливи деловни односи со своите партнери.

Настанот започна со воведна презентација од г-ѓа Маријана Перкоска, претседателка на Текстилниот кластер, која зборуваше на тема „Состојба на текстилниот и конфекцискиот сектор – Извозен потенцијал и можности“, сумирајќи ги актуелните состојби во секторот врз основа на најновите статистички податоци. Дополнително, Перкоска ги претстави проектите VERDEinMED (Interreg Euro-MED) и Mission4Water (Interreg ADRION), во кои Текстилниот кластер учествува како претставник на Северна Македонија, со цел зајакнување на меѓународната соработка и подобра интеграција на македонската текстилна индустрија во европските мрежи.

 


Потоа, претставници од Fair Wear ја презентираа мисијата, целите и методологијата на организацијата, фокусирана на подобрување на работните услови во глобалните ланци на добавувачи и промовирање на корпоративната одговорност. Преку примери, тимот на Fair Wear го демонстрираше пристапот кон одговорно договарање и принципот на споделена одговорност.

Следеше интерактивна сесија, во која учесниците ги споделија своите искуства и размислувања за тековните практики на договарање со странски клиенти, предизвиците во примената на одговорно договарање и можни решенија за создавање поправични партнерства. Дискусијата беше особено плодна, со конкретни примери и искуства, кои поттикнаа идеи за подобрување на комуникацијата, транспарентноста и меѓусебната доверба меѓу компаниите и нивните купувачи.

 


Работилницата претставуваше значаен чекор кон подигнување на свеста за важноста на одговорното договарање и зајакнување на позицијата на македонските компании во меѓународните ланци на добавувачи.

 


Текстилниот кластер и Fair Wear продолжуваат со унапредување на соработката со компаниите и промовирање на одговорни деловни практики засновани на почитување на човековите права, фер преговори и меѓусебна одговорност.