Онлајн настан за текстилната индустрија во Северна Македонија: проценка на отпадот, извозни трендови и циркуларни решенија.

На 26 февруари 2026 година, Текстилната трговска асоцијација – Текстилен кластер, во соработка со SIPPO, организираше онлајн настан "Текстилната индустрија во Северна Македонија: проценка на отпадот, извозни трендови и циркуларни решенија" посветен на актуелните состојби и идните насоки на развој на текстилниот сектор во Северна Македонија.
Во рамки на настанот беа презентирани клучни наоди од анализата на македонската текстилна и индустријата за облека, со фокус на извозните трендови во последните две децении, структурните промени во секторот и позиционирањето на европските пазари. Посебно беа истакнати сегментите каде постои потенцијал за раст, како и предизвиците поврзани со конкурентноста, работната сила, финансирањето и сè повисоките барања за одржливост и транспарентност. Дополнително, беа претставени резултатите од проценката на индустрискиот текстилен отпад што се генерира во текот на производството. Анализата комбинираше податоци за увоз на материјали, извоз на готови производи и интервјуа со компании, со цел да се обезбеди реална и конзистентна основа за планирање идни мерки за намалување, третман и рециклирање на отпадот од производство.
Во вториот дел од настанот беа презентирани резултатите од менторската и техничката поддршка (Technical Assistance Service – TAS) спроведена во рамки на проектот VERDEinMED. Пет компании добија индивидуализирана експертска поддршка во областа на циркуларната економија и ESG, вклучувајќи анализа на тековните процеси, изработка на стратегии, студии за алтернативни решенија за управување со отпад, ревизии за животна средина, здравје и безбедност, како и подобрување на оперативните процедури и усогласеност со регулативата. Претставените студии на случај покажаа конкретни чекори кон поефикасно користење на ресурсите и подобрено стратешко позиционирање.
Во рамки на настанот беше претставена улогата на VERDE HUB како национална контакт-точка во рамки на проектот VERDEinMED, како и VERDE Bussola методологијата и VERDE Bussola Handbook, кои воспоставуваат структуриран модел за идентификација на потребите на компаниите, обезбедување менторска и техничка поддршка и долгорочна одржливост на HUB-от.
Настанот ја потврди важноста од системски пристап кон одржливоста и циркуларната транзиција на текстилниот сектор во Северна Македонија.
