Годишно Собрание на Текстилниот кластер: Анализа на индустријата, нови пазари и современи комуникациски практики – 26.11.2025

На 26 ноември 2025 година, во хотел Оаза во Штип, се одржа Годишното Собрание на Текстилнoтo Трговскo Здружение – Текстилен кластер, проследено со презентации и дискусии за извозниот потенцијал на македонската текстилна индустрија, диверзификацијата на пазарите, како и сесија за современите пристапи во комуникацијата на одржливоста.

Настанот започна со воведното обраќање на Претседателката Маријана Перковска и Извршниот директор Наташа Сивевска кои пред членовите ги презентираа реализираните активности на кластерот, финансискиот извештај за 2025 година и плановите за наредниот период.



Во продолжение, Благоја Милошевски, СИППО локален консултант за текстил, направи детален преглед на текстилната индустрија во земјата, анализирајќ и ги основните показатели, како и извозните резултати во изминатите две децении и анализа на конкурентската позиција на индустријата. Сесијата продолжи со активна дискусија меѓу компаниите, по што беа презентирани нови пазари со извозен потенцијал и разгледано нивното приоретизирање.

По претставувањето на методологијата за избор на потенцијални нови пазари, како и планот за промоција и диверзификација на пазарите, учесниците дискутираа за предизвиците и можностите за извозен раст, како што се трошоците, технологијата и потребата од нови сертификации. Беа дискутирании проблемите со кои се соочува секторот, како што е доцнењето на поврат на ДДВто, доцнење во поврат на средства на заштитните друштва, недостатокот на работни налози и постојаното намалување на цените од страна на странските клиенти. Беше договорено заедно со Организацијата на Работодавачи да се побара состанок со директорката на УЈП за проблемот со повратот на ДДВ, но и со соодветните Министерства со кои би се раговарало за зголемување на конкурентноста. Воедно се донесе заклучок за заедничко делување со ОРМ во делот на Законот за работни односи кој се однесува на боледувањата. Се побара од членките исто така внимателно да го разгледаат новиот предлог Нацрт-законот за професионална рехабилитација и поддршка при вработување на лица со попреченост кој поставува доста специфични барања, за што очекуваме од членките нивен коментар (предлог доставен по е-маил).



На настанот покрај ко-организаторот СИППО, присуствуваа и претставници од Швајцарската Амбасада и Швајцарскиот проект за Модернизација и равој на човеки ресурси кои изразија спремност да помогнат во обид за решавање на некои и од презентираните предизвици и проблеми.

Во вториот дел од настанот, Наташа Сивевска и Елена Милошевска Јовановска (СИППО менаџер за Македонија) го претставија Водичот за одржлив текстил – EU sustainability legislation guide, важен ресурс за компаниите кои се прилагодуваат на новите регулативи на ЕУ. Овој Водич ќе им обезбеди на компаниите навреме да се запознаат со барањата кои ќе им бидат поставени од страна на купувачите во наредниот период и ќе им овозможи нивна подготвеност за соодветните известувања кои ќе треба да ги реализираат. Воедно на членките ќе им биде доставен соодветен формулар во кој ќе може сами да ги пополнуваат бараните параметри и го следат својот јаглероден отпечаток.

Последната сесија беше предводена од Меѓународниот SIPPO консултант за маркетинг, комуникација и дигитализација, Patrick Collins, кој со своето искуство и динамичен пристап остави силен впечаток кај учесниците. Овој интензивен тренинг, одржан на англиски јазик, беше внимателно дизајниран да им овозможи на компаниите на практичен начин да ги претворат своите напори и постигнувања во одржливост во комуникациски материјали што директно го поддржуваат меѓународниот продажен процес.


Collins демонстрираше како техничките и често сложени податоци - како што се CO₂ емисиите, процесните подобрувања и интерните мерки за одржливост, можат да се претворат во јасни, убедливи и комерцијално релевантни пораки што ги бараат Европските купувачи. Тој ги обучи учесниците да користат AI алатки и професионално развиени шаблони за креирање содржина, при што ги покажа најдобрите практики за изградба на текстови за веб-страници, LinkedIn кампањи, презентации за саеми и документи за директна комуникација со купувачи. Неговата цел беше целосно јасна и високо стратегиска: пораките за одржливост да станат составен дел од продажните стратегии на компаниите, а не дополнителна активност. Преку конкретни, адаптирани примери и интерактивни вежби, Collins им помогна на учесниците да можат брзо да развијат сопствени материјали подготвени за непосредна примена, нешто што е исклучително важно за зголемување на конкурентноста и доверливоста на меѓународните пазари.

Сесијата беше позитивно оценета, бидејќи компаниите заминаа не само со знаење, туку и со вистински, практични алатки и веќе подготвени резултати што можат веднаш да ги имплементираат во своите продажни и маркетинг активности.

Настанот заврши со заедничко разбирање дека стратешката промоција, диверзификацијата на пазарите и современата комуникација се клучни за понатамошниот развој и конкурентност на индустријата, а Текстилниот кластер ќе продолжи активно да ги поддржува компаниите во унапредувањето на нивните извозни и комуникациски практики.